Пендаровски: На почетокот на второто илјадалетие на Бигорскиот Манастир, да размислуваме, како некоја следна генерација наши потомци ќе ги цени делата на нашата генерација

во 13:34 часот

Претседателот Стево Пендаровски денеска присуствуваше и се обрати на одбележувањето на 1000-годишнината од основањето на Бигорскиoт манастир „Свети Јован Крстител“, што се одржа под негово покровителство.

Претседателот Пендаровски присуствуваше на Божествена архијерејска Литургија, со којашто чиноначалствуваше поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Митрополит Скопски, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан, по што се обрати на присутните.

„Пред три дена, во пресрет на овој голем ден, имав чест да го одликувам манастирот „Свети Јован Крстител“, со државен Орден за заслуги. Во име на македонските граѓани се заблагодарив за придонесот на ова култно место и тоа што тоа место го дава несебично низ вековите, во негувањето на духовното и културно-историското наследство на народот и земјата на која што припаѓа.

Денешниов свечен ден е прекраток, за да ги опише, барем, главните настани од илјадагодишната историја на Бигорски. Но, кога, за момент,  на овие илјада години би гледале како на еден ден, тогаш би можеле да го видиме првиот Охридски архиепископ Јован Дебранин како го основа и осветува манастирот. Би биле сведоци на генерации верници, монаси и мирјани, како ја надградуваат и оддржуваат жива, бигорската обител. Би ги виделе македонските неимари како од варовник ги ѕидаат овие прекрасни градби, легендарните Мијаци – копаничари како трпеливо го резбаат бигорскиот иконостас, прочуените зографи како ги сликаат познатите фрески и икони.

Би биле сведоци на илјада празнувања на Христовото раѓање и воскресение. Би виделе како манастирот прераснува во извор на духовноста, писменоста, и преродбата, каде што дејствувале луѓе кои несомнено биле далеку пред своето време – Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски, Анатолиј и Партениј Зографски и браќата Миладиновци.

Почитувани, за жал, би биле сведоци и на големи премрежија и несреќи. Низ вековите, Бигорскиот манастир преживеал прогони, пожари и војни,  но и надживеал империи, држави и идеологии. На моменти бил и затворан, но, никогаш, никогаш не бил заборавен и избришан од меморијата на луѓето. По секоја несреќа, монасите, заедно со народот, го обновувале ова светилиште, достигнувајќи нови духовни и уметнички височини.

Дури и ваквиот, сосема краток приказ на долгата манастирска историја, неминовно го наметнува прашањето: како овој храм на спокојот и на убавината, успеал да ги преброди сите овие бури?

Ова прашање, а уште повеќе одговорот на него се особено важни и за нашиот денешен, современ контекст. Економските, социјалните, безбедносните и еколошките кризи со кои се соочува човештвото многукратно се зголемија по интензитет, по својата сложеност и влијание. Пандемијата само ги умножи проблемите. Глобалните процеси и турбуленции влијаат и врз нашето секојдневие. Понекогаш овој вител на кризи прави да се чувствуваме како сѐ да се случува одеднаш, како илјада години да се збиени во само еден ден.

И токму во вакви моменти на растечка недоверба меѓу луѓето, страв и неизвесност од непознатото, многу наши сограѓани бараат мир, утеха и надеж токму на ова место. За многу страдалници од различни генерации, различни држави и различни идеологии и религии, Бигорскиот манастир претставува духовно засолниште од бурите на животот. Поделбите и предрасудите кои се толку присутни во нашето секојдневие немаат место во манастирот во кој луѓето се, пред се луѓе, независно од нивните лични особености. Ова е место за заздравување на душевните рани и рехабилитација на зависниците. Многу верници токму во овој манастир ја враќаат вербата во животот и го зацврстуваат својот духовен идентитет.

Овој илјадагодишен подвиг се должи на две нешта. Прво, Бигорскиот Манастир не е само материјална, туку и духовна градба соѕидана не само од бигорскиот варовник, туку и од постојаните молитви на генерации на луѓе од верата.

Второ, познато е дека оние кои тука поминуваат дел од животот имаат поразлично сфаќање за времето кое за нив е еднакво на вечноста. За нив, секој еден ден поминат во самооткажување вреди колку илјада години. Луѓето кои искрено веруваат, полесно го раздвојуваат тривијалното од суштинското, минливото од трајното. Со таквиот свој спокоен став кон животот тие не се натпреваруваат за успех, за материјални богатства или за моќ над другите. Се чини во тоа е тајната на вековното опстојување на овој манастир чии што темели се длабоко поставени во срцата и душите на македонскиот народ.

Денешниов јубилеј нѐ поттикнува да размислуваме колку мудро ги користиме деновите во нашите животи и во што ги вложуваме годините? Дали само во потрага по материјални вредности или и за покажување добрина и солидарност кон најблиските и кон сите оние на кои животот им станал претежок? Дали и колку секој од нас придонесува за најважната кауза, за изградбата на слободно општество на рамноправни  и доблесни во кое ќе се почитува вроденото достоинство на секој човек?

Затоа е нужно, денес, на почетокот на второто илјадалетие на Бигорскиот Манастир, да размислуваме, како некоја следна генерација наши потомци ќе ги цени делата на нашата генерација. Се надевам дека ако останеме со силна верба и меѓусебна почит, и по илјада години ќе имаме добрини и вредности кои ќе останат зад нас, за кои ќе се прикажува.

Со таа мисла, дозволете ми на сите да ви посакам добро здравје и радост со најблиските, а на свештената бигорска обител и на отец Партениј да им посакам да ја задржат духовната сила и енергија што ја поседуваат за да ги совладаат сите искушенија на животниот пат кој го имаат избрано.“ – Изјави претседателот Пендаровски.