Вучиќ: Mал шенген ќе придонесе Балканот да биде подобро место за живеење

Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва изјави дека е задоволен од идејата за „мал Шенген“, оценувајќи дека тоа е исклучителна иницијатива која може да придонесе Балканот да биде подобро место за живеење.

Вучиќ изјави дека поврзувањето преку „малиот шенген“ е економски и политички важно за опстанокот на сите мали држави и нации на Балканот.

Тој рече дека идејата за „мал шенген“ не е само негова, туку и на премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама. Исто така, рече дека до крајот на месецот очекува видеоконференција во рамки на иницијативата.

„Не можеме да избегаме од Балканот, некои би сакале, но јас ги немам тие амбиции и затоа ова треба да биде подобро место за живеење. Мора да се поврзуваме и да работиме заедно. На крајот, дури и оние кои не беа најсреќни поради оваа иницијатива, затоа што не беа во управувачкото седло, мораа да прифатат дека тоа е добра иницијатива затоа што се работи за четири слободи кои припаѓаат на основните европски слободи: за проток на луѓе, добра, капитал и услуги“, потенцираше Вучиќ.