Во Собранието започнува расправата за ребалансот на Буџетот – поднесени скоро 200 амандмани

Денес во Собранието започнува расправата за ребалансот на Буџетот за 2020 година во рамки на Комисијата за финансирање и буџет. Иако според Деловникот на Собранието комисиската расправата може да трае 10 дена, според информациите истата би траела околу 7 дена.

Вкупните приходи во периодот јануари-септември 2020 година се реализирани во износ од 136 милијарди денари што претставува 69,1% во однос на планираните за 2020 година и претставува пад за 4,9% во однос на истиот период од лани.

Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот за 2020 година се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и истите се планирани на речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со предходните измени и дополнувања на Буџетот истите беа планирани на реално ниво односно пониски за 11,5% во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Во структурата на вкупните приходи, даночните приходи учествуваат со 55,6% и се планирани на ниво од
109,2 милијарди денари. Социјалните приходи како изворни приходи на фондовите се
планирани во износ од 65 милијарди денари или за 2,5 % повисоко во однос на планот за 2020 година. Останатите приходи (неданочни, капитални и странски донации) се планирани на ниво од 22,1 милијарди денари. Вкупните расходи се планирани на ниво од 253 милијарди денари или за 4,1%, односно за околу 10 милијарди денари повисоки во однос на планот. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,6 милијарди денари, односно 8,4% од БДП. – Стои во образложението на ребалансот.

Скоро 200 амандмани на ребалансот на Буџетот

На ребалансот на Буџетот од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се предложени 177 амандмани и 6 амандмани од Алијанса и Алтернатива.

Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, Тимчо Муцунски вчера изјави дека амандманите ќе обезбедат повеќе средства за инфективните одделенија ширум Македонија и инфективното одделение во Скопје, и проекти за намалување на загаденоста.

„Активно учествуваме во подобрување на тој ребаланс на буџетот, од страна на владата ќе видиме колкав е капацитетот за дијалог во интерес на граѓаните, а од гледна точка на парламентарна процедура уште утре ќе видите дека тековно функционира собранието“, рече Муцунски.