Ерменија и Азербејџан се согласија на прекин на огнот во Нагорно Карабах

По повеќе од 10 часа разговори во Москва, министрите за надворешни работи на Ерменија и Азербејџан се согласија за примирје во Нагорно Карабах. Примирјето стапува на сила денес во 12 часот.

Преговорите меѓу министрите за надворешни работи на Ерменија и Азербејџан – Зохраб Мнатацаканијан и Чејхун Бајрамов – со посредство на рускиот колега Сергеј Лавров – започнаа вчера попладне и завршија со договор рано утрово.

Лавров најави дека по стапувањето во сила на примирјето попладнево, завојуваните страни ќе започнат со размена на затвореници и тела на убиени во двонеделните борби во Нагорно Карабах. После тоа, Баку и Ереван ќе започнат директни разговори со цел наскоро да се постигне мирно решавање на конфликтот, додаде Лавров.

Министрите за надворешни работи на Ерменија и Азербејџан пристигнаа во Москва на покана на рускиот претседател Владимир Путин, кој одржа низа телефонски разговори со лидерите на двете земји, Никол Пашинјан и Илхам Алиев.