Македонија го совлада Косово, ни останува уште еден натпревар за историски пласман на ЕУРО

Фудбалската репрезентација на Македонија во полуфиналето од баражот за пласман на Европското првенство ја совлада селекцијата на Косово со резултат 2:1 и уште еден чекор ја дели од историскиот успех.

Избраниците на Игор Ангеловски ќе се сретнат во финалето на баражот во Тбилиси на 12 ноември со селекцијата на Грузија, која беше подобра од Белорусија.

Македонија среќно поведе во 16-та минута. Стефан Ристовски шутираше дијагонално од десната страна, топката го зафати Кололи и заврши во мрежата на Косово.

Не требаше многу да се изедначи, а на голот на гостите претходеше катастрофалната реакција на дефанзивната линија и голманот на Македонија, Димитриевски. Недоразбирањето го искористи Флорент Хадегонаја и резултатот беше израмнет во 29-та минута.

Сепак, Македонија замина на одмор со гол предност. Енис Барди центрираше, а фудбалерот на Ријека, Дарко Велковски со глава го постигна вториот гол.

Уште два пати ја затресовме мрежата на Косово во 54 и 66 минута, но Горан Пандев и Аријан Адеми беа во недозволена позиција.

До крајот на натпреварот немаше многу возбудувања на стадионот „Тодор Проески“, па Македонија во Тбилиси ќе има историска шанса да се пласира на Европското првенство.