Матео Салвини: Бојкот за Нутела

Десничарскиот опозициски италијански лидер Матео Салвини се закани дека ќе ја бојкотира Нутела, бидејќи нејзините состојки не се 100 проценти италијански. Матео Салвини ја предводи италијанската десничарска партија Лига чие мото е „Прво Италијанците“. Според анкетите на јавното мислење, Лига води со околу 32 проценти поддршка.

Салвини вели дека се предомислил затоа што дознал дека Нутела содржи лешници од Турција, а дека тој повеќе би сакал да им помага на компаниите кои користат италијански производи. Тој ги повика Фереро и другите италијански компании да „набавуваат италијански шеќер, лешници, млеко“.

Турција произведува 70% од лешниците во светот, по што следи Италија со 20%, според податоците на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) на Обединетите нации.

Фереро, производителот на Нутела, е најголемиот светски купувач на лешници, бидејќи италијанскиот принос на ова јаткасто овошје не е доволно за да се произведе светски популарниот крем. На нивната веб-страница се вели дека тие лешници купуваат „претежно во Турција и Италија“, но исто така и во Грузија, Чиле, Јужна Африка и Австралија, како и дека промовираат општествено одговорно и одржливо одгледување, пишува во британскиот Телеграф.

Њујорк тајмс и други медиуми претходно објавија дека индустријата на лешници во Турција експлоатира деца, претежно сириски бегалци.