Македонските брендови тешко се позиционираат на глобалните пазар. Согласно анализата на британската Brand Finance за 2019 година во топ 100 национално рангирањето на брендови по вредност, Македонија ја нема на листата. Од земјите во регионот Грција е на 57 место, Словенија на 60, Бугарија на 68, Србија на 76 место, а Хрватска на 78 место.

Претседателот на Сојуз на стопански комори, Данела Арсовска во најава на неделата на Македонски квалитет 2019, истакна дека покрај тоа што компаниите треба да размислуваат за својот развој, економската политика во земјата е од големо значење за поддршка во градење на домашните брендови преку стратегија за настап на странските пазари, нивна индивидуална промоција како и спречување на поголеми нарушувања на пазарот од нелојална конкуренција.

„На македонските производи индивидуално може да им се помогне во креација на уникатна додадена вредност, да се насочат на пазари каде можат да постигнат успех, да им се помогне со нови технологии, што би ја зголемило продуктивноста, да се покрене кампања на препознатливост во земјата, регионот па глобално. Голем број производи наместо да се преработуваат кај нас, се извезуваат како суровини или полупроизводи и се продаваат како дел од препознатливи брендови на други земји, истакна Арсовска.

Сојузот на стопански комори на Македонија предлага отпочнување со пилот проекти каде би се инвестирало во поединечни компании со голем потенцијал, кои можат да дадат резултати не само да се постигне раст на поединечна компанија и бренд, туку и Македонија да се мапира и да отпочне да се препознава како земјата на потекло на тие поединечни успешни брендови” истакна Арсовска.