Сериозни забелешки и критики на Законот за јазиците од страна на Венецијанскта комисија

Венецијанската комисија вчера и официјално го усвои мислењето за Законот за јазиците.

Комисијата го повикува Собранието да го преиспита Законот за јазиците и во консултација со сите партии да бидат земени предвид следниве препораки:

-Собранието да ги отстрани одредбите во законот што се однесуваат на двојазичноста во судските постапки и да преземе неопходни мерки во обезбедување ефективна примена на јазичните барања во судските постапки содржани во Законот за јазиците од 2008 година,

– да го измени чл. 3 од Законот – со кој се обезбедува употреба на албанскиот јазик во внатрешната и внатре-институционалната комуникација – на пример, преку ограничување на неговиот опсег во делот на писмената официјална комуникација, или да ја одложи примената на законот се додека не се обезбеди соодветна имплементација на оваа одредба, односно додека не се обезбеди нејзината реалност,

– повторно да се разгледа и да се измени законот со цел да се обезбеди доволна законска прецизност/јасност во светлината на дадените забелешки во ова мислење и да се земе предвид да се овозможи секое лице да може да користи малцински јазик наспроти законската одредба која се однесува само на лица кои припаѓаат на некоја од заедниците,

– да се одложи примената на санкциите предвидени во законот се додека законот не биде изменет со цел да обезбеди правна сигурност, како и да се измени чл.22 со цел да се намали износот на паричните казни утврдени во законот, да се прошири разликата меѓу минималните и максималните износи, да се внесе елемент на недоволна грижа и во таа смисла принципот на пропорционалност.

Комисијата смета дека би било корисно ако властите направат детална студија за причините кои предизвикаа одредени проблеми во примената на законот за јазиците од 2008 година.

Комисијата му препорачува на законодавецот при повторното разгледување на измените на законот да не ја користи скратената постапка во Собранието.

Останатите забелешки:

  1. Нотирана е силна критика поради скратената постапка во која законот беше донесен во Собранието. Во мислењето е нотирано и отсуството на инклузивна и неопходна јавна расправа за законот кој е од широк јавен интерес.

2.Венецијанската комисија смета дека законот за јазиците влегува во категоријата на закони од широк јавен интерес поради што смета дека јавна расправа треба да биде организирана во согласност со Деловникот за работа на Собранието.

  1. Комисијата жали што закон кој се однесува на голема и политички сензитивна реформа на јазичната политика во земјата бил поминат по скратена постапка. Комисијата имала сознанија од одредени соговорници дека законот бил подготвен како дел од коалицискиот договор меѓу двете партии (СДСМ и ДУИ).

4.Пречки во ефективната примена на законот може да се појават поради квалитетот на законот кој тешко може да биде применет.

  1. Почнувајќи од првиот член, и многу членови натаму во законот бараат натамошно прецизирање и објаснување ако главната цел на законот е да ја разјасни и да ја обезбеди примената на чл. 7 од Уставот имајќи предвид дека овој закон ги засега фундаменталните права на сите етнички заедници.
  2. Венецијанската комисија препорачува законот да се измени/ревидира со цел да се обезбеди соодветна прецизност во однос на опсегот на неговата примена. Мора да биде јасно кои одредби од законот се однесуваат само на примената на албанскиот јазик, а кои на јазиците на другите етнички заедници.
  3. Опсегот на чл.2, став 3 каде се набројани областите во кои постапките пред јавните институции можат да бидат водени на македонски и на албански јазик се екстремно широки. Чл. 1, став 3 и чл. 2, став 3 треба да бидат преформулирани со цел да се обезбеди прецизност во дефинирањето на областите и правните лица опфатени со законот.
  4. Според мислењето на Комисијата, чл. 7 од Уставот ја утврдува употребата на немнозинскиот јазик како индивидуално право, а не како обврска.
  5. Наметнување на употреба на албанскиот или на кој било друг малцински јазик врз граѓаните претставува повреда на индивидуалното право на слободата на изразување како и на правото на слободна самоидентификација. Во оваа смисла, законот треба да биде изменет со цел да стане јасно дека граѓаните имаат ПРАВО, но не и ОБВРСКА да го употребуваат својот малцински јазик.
  6. Во многу одредби, законот дава право (или наметнува обврска) за употреба на малцинскиот јазик САМО за граѓани „кои го зборуваат“ овој јазик. Друго прашање е како едно лице се идентификува како член на етничката/јазичната заедница. Иако двојазичната лична карта дава одредена насока, сепак еднојазичната лична карта не секогаш значи дека носителот на личната карта не припаѓа на некое малцинство, исто како што и двојазичната лична карта не мора да значи дека носителот може да ги зборува двата јазика.
  7. Комисијата смета дека би било подобро ако законот не го поврзува, не го става во релација правото на употреба на малцинскиот јазик во согласност со закон со етничката/јазичната припадност на тоа лице. Овој пристап би бил во поголема согласност со Уставот.
  8. Според сегашниот закон, употребата на малцинскиот јазик автоматски се однесува на припадноста на лицето на одредена етничка/јазична заедница. Ова не е во согласност со правото на самоидентификација утврдена во чл.3 од Рамковната конвенција.
  9. Кога станува збор за употребата на малцинските јазици во локалните совети Комисијата смета дека ова прашање не смее да биде оставено на дискреција на локалните совети дали да се употребува некој јазик или не, бидејќи ваквото дискреционо право е спротивно на Рамковната конвенција посебно кога некоја заедница не е заштитена на локално ниво.
  10. Во однос на употребата на двојазични амблеми на униформите на армијата, полицијата, и слично Комисијата констатира дека во однос на ова прашање нема релевантни меѓународни правни стандарди.
  11. Комисијата укажува дека законските одредби во однос на употребата на други јазици во судските постапки ќе внесат правна несигурност, ќе ги забават постапките, и ќе доведат до продолжување на времетраењето на постапките што е во спротивност со правото на судење во разумен рок.

Владата ќе го менува Законот за јазиците?