Еден процент од светската богата популација е најголем загадувач на воздухот

Најбогатиот еден процент од светската популација емитува двојно повеќе јаглерод од сиромашната половина, покажува студијата на британската непрофитна организација Оксфам.

Извештајот се фокусираше на податоците од 1990 до 2015 година, кога глобалните емисии се зголемија двојно, забележува Оксфам.

Резултатите покажуваат дека во тој период, најбогатите 10 проценти од светската популација, околу 630 милиони луѓе, биле одговорни за 52 проценти од емисиите на јаглерод.

Најбогатиот еден процент, 63 милиони луѓе, емитувале 15 проценти од емисијата на јаглерод, а најсиромашната половина од светската популација само седум проценти.

Катастрофалните последици од климатската криза веќе се чувствуваат во многу делови на светот поради економскиот систем кој се потпира на потрошувачка и континуиран раст и го дели светот на економски победници и губитници, предупредува Елен Емке од германскиот огранок на Оксфам.

Во Германија, богатите 10 проценти или поточно 8,3 милиони луѓе се одговорни за 26 проценти од емисиите на гасови од 1990 до 2015 година.

Посиромашната половина од населението е пет пати побројна, опфаќа 41,5 милиони граѓани, а нејзиното учество во загадувањето беше само малку поголемо – 29 проценти.

Клучната област за справување со климатските промени е сообраќајот, особено воздушниот сообраќај. Оксфам остро ги критикуваше и спортските теренски автомобили, кои го зазедоа второто место на листата на водечки генератори на емисии во периодот од 2010 до 2018 година.

Принцот Чарлс, наследникот на британската круна, повика на итна акција за борба против климатските промени, чие влијание, како што рече, ќе го „затемни“ влијанието на пандемијата на коронавирусот.

„Без брза и непосредна акција, со невидено ниво и темпо, ќе ја пропуштиме можноста да создадеме поодржлива и поинклузивна иднина“, рече тој во снимената порака што ќе се емитува на почетокот на климатската недела во понеделник во Њујорк, САД.

„Со други зборови, глобалната пандемија е предупредување кое не можеме да го игнорираме“, продолжи 71-годишниот принц, долгогодишен поддржувач на еколошката борба.

Еколошката криза постои премногу години – осудена, оцрнета и негирана “, истакна тој.