Министерот за надворешни работи Никола Димитров на конференцијата „Балкански дијалози“ истакна дека со историските и храбри исчекори во надминување на сензитивни билатерални прашања, земјата без никакви дилеми го заслужи почеток на преговорите.
Во своето обраќање, тој образложи дека Северна Македонија е заинтересирана што е можно поскоро Европската комисија да го изработи и претстави пред земјите-членки својот предлог за подобрување на пристапниот процес.
„Северна Македонија, преку процесот на стабилизација и асоцијација, 15 години се подготвува за членство и има постигнато високо ниво на усогласеност во многу области на законодавството на ЕУ “, истакна Димитров.
Како што соопшти МНР, Димитров ја нагласил важноста и потребата земјите-членки во Советот без одлагање да постигнат консензус за почетокот на преговорите со Северна Македонија.Тој истакнал дека земјата покажала високо ниво на зрелост и мудрост и ќе го продолжи засилениот ангажман во правец на исполнување на ЕУ реформите.