Министерот за здравство Венко Филипче за НОВА ги потврди тврдењата на бизнисменот Орце Камчев изнесени на денешното рочиште за случајот „Рекет“ дека во домот на првообвинетиот Бојан Јовановски на 15 март се одржала средба на која присуствувал и тој.
„Средбата која се споменува во денешното судење за случајот „Рекет“ се одржа на барање на Бојан Јовановски на која јас и Орце Камчев бевме повикани да разговараме за некакво јавно приватно партнерство за болница која тој имал намера да ја прави“, вели министерот Филипче во изјва за НоваТВ. Од состанокот, тврди Филипче, не излегло ништо и друга средба потоа не се ни остварила.
По завршувањето на денешното судење Камчев објасни зошто во средбите се споменува и Венко Филипче. Неговиот одговор забележливо се совпаѓа со одговорот на Филипче за Нова ТВ во делот на пропадната бизнис понуда.
Камчев потенцираше дека со Филипче одржал нормален состанок, бидејќи тие двајца биле пријатели долги години.
„Јас и Венко Филипче сме долги години пријатели. Тоа беше еден обичен состанок, а Бојан Јовановски бладаше, тресеше глупости. Сакаше да прави некакво јавно приватно партнерство за некаква болница“, рече Камчев.