Меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА) поради пандемијата со коронавирусот ги процени загубите на фудбалот на глобално ниво, на 14 милијарди долари.
Поради ширењето на вирусот на целата планета, 150 национални сојузи на ФИФА побараа финансиска помош од вкупно 1,5 милијарди долари од фондот за итни случаи, што беше основан за таа цел од светската федерација.
Оли Рен, претседател на комитетот задолжен за коронавирусот во ФИФА, вели дека пандемијата предизвика хаос во календарот на натпреварите, ги испразни стадионите и предизвика огромни загуби на пари од телевизиските права.
Европа изгуби најмногу
„Тоа е огромна бројка и се однесува на целосно на фудбалот, вклучително и младинските академии“, рече Рен, фински политичар и гувернер на Банката на Финска.
„Коронавирусот сериозно ќе го погоди фудбалот следната година“, предупреди Рен.
Тој додаде дека Европа е најпогодена, но дека здруженијата надвор од неа претрпеа најмногу штети.
Минатиот месец, Андреа Ањели, претседател на Европската асоцијација на клубови, рече дека членовите на здружението може да забележат загуба од околу 4,7 милијарди долари за период од две години.