На денешното рочиште Бојан Јовановски, за време на сведочењето на главниот сведок Орце Камчев, беше и театрален и комичен.
Тој денес првпат откако беше уапсен се соочи со Камчев и му постави голем број прашања. Покрај останатите прашања кои Бојан Јовановски му ги постави на сведокот не изостави на денешното соочување да му забележи на Камчев дека му биле направени 2 неуспешни операции во болницата Систина.
Камчев, пак, го потсети дека за понудите што му ги давале тој и неговите вработени во Систина, кои имаат доста искуство во бизнис зделки, направиле анализа и заклучиле дека понудите за соработка, односно една понуда за зделка за старечки домови, која му ја дал Јовановски, била фејк проект, и го потсети дека на една вработена во Систина Јовановски ѝ рекол дека „за понуда од 40-50 илјади евра тој не ни станува од кревет“.
На ова Јовановски одговори дека како менаџер на 1ТВ имал право да се договара за зделки во телевизијата и дека можел да ги одредува сумите што треба да му бидат исплатени.
Овде со реакција се јави и обвинителката Вилма Русковска, која му рече „Не си менаџер, невработен си“, на што Јовановски ѝ возврати „Не се дери, полека.“
Камчев одговорил „Не те терав да ми покажуваш слики, да ги пушташ на спикерфон, не те наведував да ја донесеш Катица на операција за желудник и цревата за да ја намали тежината“
По низата прашања од Бојан Јовановски кон Орце Камчев, истакна дека на една од нивните средби присуствувал и министерот за здравство Венко Филипче.
Сведочењето продолжува.
Во „Рекет“, Боки 13 е обвинет за кривичните дела Перење пари и за Примање награда за противзаконито влијание, а второобвинетата Катица Јанева за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувањата.