Грција најави набавка на четири нови фрегати во флотата на воената морнарица и модернизација на старите. Како што изјави грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис ќе бидат купени и 18 француски борбени авиони – „Рафале“.
Мицотакис наведе дека Грција сака да ја зајакне својата одбрана. – Дојде време да ги зајакнеме нашите вооружени сили. Ова е важна програма што ќе создаде национален штит – рече грчкиот лидер во Солун, додавајќи дека тоа ќе создаде илјадници нови работни места, пренесува „Франс прес“.
Бројот на војници ќе се зголеми за 15 илјади, а ќе се зголемат и залихите на противвоздушни ракети, торпеда и друга муниција.
Набавката се случува во време на зголемени тензии со Турција поради активностите во Медитеранот.
По тој повод, Мицотакис денеска во Солун при презентацијата на владините мерки изјави дека додека светот е под опсада на двојната криза, здравствената и економската, Грција „продолжува да управува и со националниот фронт, кој станува сè покритичен, бидејќи Анкара ги загрозува источните граници на Европа и ја поткопува безбедноста на чувствителната крстосница на три континенти”.
Мицотакис соопшти и 12 мерки за заштита на работните места и продуктивната активност за време на кризата и за поддршка на приходите на најслабите во тешкиот период што претстои.