“Денеска ВМРО-ДПМНЕ повторно е на улица. Како што најавивме пред неколку дена бараме од власта, од оваа мафијашка власт да ги слушне барањата на граѓаните. Ние денеска дојдовме до Регулаторната комисија, јас подоцна ќе ви дадам и едно видео да видите како не пречекаа со затворени врати, никој не ни ја отвори вратата за да го поднесеме ова барање до нив. Се разбира ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани да дојдат и да ни се придружат бидејќи ние сакаме да го слушнеме гласот на народот. Гласот на народот е да се намали оваа цена на струјата, бараме да се врати цената, но исто така бараме да си поднесат оставка сите членови на Регулаторната комисија се разбира на чело со претседателот“, изјави на денешниот протест потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
Тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува да биде на улица. Го повикува целиот народ, ги повикува сите здруженија, сите граѓани да им се придружат.
Мисајловски укажа дека оваа битка е на секој еден граѓанин. Мора да го чујат нашиот глас бидејќи само така сите сме посилни. Затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да престане, туку ќе се здружува, заедно ќе се сплотува со многу невладини организации, граѓански асоцијации, здруженија и сите оние граѓани што сакаат да победи правдата, рече Мисајловски.
„Затоа ние денеска тука ги блокиравме овие раскрсници, токму тука пред Регулаторната комисија, но сакам исто така и да им се извинам и на граѓаните поради оваа блокада. Знам дека можеби направивме гужва во сообраќајот но тоа го правиме за сите граѓани, го правиме за да победиме сите заеднички бидејќи оваа мафијашка власт единствено може да слушне нешто само ако сме гласни. Затоа уште еднаш благодарност до сите што дојдоа. Ние ќе продолжиме со сите демократски алатки, со сите оние работи што ни се на располагање да го чујат нашиот глас“, истакна Мисајловски.