Њујорк денес ја одбележува годишнината од терористичките напади на 11 септември 2001 година во длабока криза, со зголемена стапка на криминал, бројни напуштени станови, затворени продавници и бездомници на секој чекор и политичка битка со владата пред претстојните претседателски избори.
И покрај пандемијата со коронавируот, најголемата метропола во Америка ќе одржи годишна церемонија во чест на скоро 3.000 загинати во овие најсмртоносни напади во американската историја. Едноминутно молчење ќе го одбележи моментот кога авионите киднапирани од терористите се урнаа во кулите близначки на Светскиот трговски центар.
Семејствата на жртвите нема да одржуваат говори како претходните години, но ги запишаа своите зборови. Но, тие ќе можат да се соберат на местото на настанот, со задолжително носење маски и почитување на дистанцата. Националниот меморијален центар и музеј ќе бидат отворени на 11 септември за прв пат од почетокот на март.
Деветнаесет години подоцна, 11 септември е симбол на херојството на њујорчаните. Градските лидери посочуваат дека благодарение на нивната силна волја, градот значително го намали ширењето на вирусот во последниот месец.
Повеќе од 60 милиони туристи кои го посетуваат Њујорк секоја година ги нема, а илјадници жители на Њујорк побегнаа: најмалку 35 000 луѓе го напуштија Менхетен, рече Гејл Бруер претседател на округот Менхетен.
Многу продавници беа исто така затворени: помеѓу 2017 и 2020 година, бројот на слободен деловен простор се зголеми скоро двојно, додаде таа.
Кога станува збор за бездомниците, тие се почесто можат да се видат по улиците по затворањето на бројни засолништа, а околу 13.000 од нив беа преместени во празни хотели на Менхетен, рече таа.
Зголемувањето на бројот на убиства и престрелки е еден од знаците на длабока криза. Иако е далеку од широко распространетиот криминал во 70-тите и 80-тите години од минатиот век, градот, кој можеше да се пофали како еден од најбезбедните во светот, сега повторно ги бележи нивоата на криминал од 2012 година, според „Њујорк тајмс“.
Републиканскиот претседател Трамп повторува дека зголемувањето на криминалот во тоа демократско упориште, во кое е роден, е последица на неспособноста и слабоста на неговите избрани власти. Во вторникот ги обвини градоначалникот и гувернерот на Њујорк за „уништување“ на градот.
Претставниците на Њујорк, пак, ја префрлаат вината кон него и републиканците што одбија да одобрат милијарди долари за Њујорк, како и на другите демократски градови, за да ги пополнат огромните дупки во буџетот.