Повеќе од половина милион луѓе се евакуирани пред пожарите во американската држава Орегон, соопштија властите.
Десетици пожари во моментов горат под влијание на врел и сув ветер, а најмалку еден пожар е подметнат.
Гувернерот Кејт Браун изјави дека точниот број на жртви не е познат и дека досега се потврдени четири жртви, објави Би-Би-Си.
Повеќе од 100 пожари во моментов горат во 12 западни држави на САД, а најтешко се погодени Орегон, Калифорнија и Вашингтон. Во некои случаи, цели населби беа уништени, а десет лица починаа во Калифорнија.
Канцеларијата за вонредни состојби во Орегон синоќа потврди дека повеќе од десет проценти од 4,2 милиони жители на оваа американска држава биле евакуирани од своите домови.
Масовна евакуација беше извршена и во предградијата на Портланд, а весникот „Портланд трибјун“ пишува дека овој град во моментов е најзагаден во светот, повеќе од Џакарта, Њу Делхи и Лахор.