Унгарија купува германски воени возила во врдност од две милијарди евра

Унгарија потпиша договор со Рајнметал за набавка на пешадиски борбени возила од новата генерација „Рис“ (Lynx) во вредност од над две милијарди евра, соопшти германскиот концерн.

„Рисот“ е пешадиско борбено возило од нова генерација со модуларен дизајн, а унгарското Министерство за одбрана нарача 218 возила „Рис КФ41“ и девет блиндирани оклопни возила „Бафало“.

Првата серија ќе биде испорачана од Германија, а повеќето потоа ќе бидат произведени во унгарска фабрика, во заедничка сопственост на Будимпешта и Рајнметал.

Унгарија е првата членка на НАТО и на Европската унија што се одлучи за ова возило. За разлика од остатокот од регионот, оваа земја во последните години купува исклучиво софистицирана воена опрема од новата генерација.

Преку програмата за модернизација „Зрински 2026“, од Германија веќе се нарачани 44 тенкови „Леопард 2А7“ и 24 самоодни хаубици PzH-2000 за половина милијарда евра.

Сега ќе дојде и рисот, а договорот вклучува производство и услуга на опрема вклучувајќи симулатори, обука и ангажирање инструктори, како и прва серија резервни делови.

Рисот ќе биде опремен со топови од калибар 30 мм на модуларна купола Ленс, развиена од Рајнметал. Покрај топот, тој има интегрирано антитенковски ракетни лансери и беспилотни летала.

Во првата фаза, 46 борбени пешадиски возила и девет влечни возила ќе бидат испорачани во Унгарија. Испораката ќе заврши до 2023 година. Во втората фаза, дополнителни 172 возила од рисовите ќе бидат произведени во Унгарија.

Затоа, унгарската влада и Рајнметал ќе формираат заедничка компанија која ќе отвори производствен погон во таа земја.

Рисовите се пешадиски борбени возила од новата генерација, карактеризирани со модуларност. Во шасијата на возилото може да има опции со широк спектар на задачи: од борбени возила за пешадија, оклопни транспортери, командни возила, минофрлачи до амбуланти.

Промената на конфигурацијата е можна за неколку часа.

Според производителот, Lynx нуди висок степен на заштита на екипажот и војниците од импровизирани експлозивни направи, директен и индиректен оган, касетна муниција и противтенковски ракети.