Бизнисменот Јордан Камчев денеска сам се појави во Кривичниот суд во Скопје, иако заедно со сопругата Ана Камчева треба да бидат сведоци на Обвинителството за случајот „Рекет“. Нејзиниот сопруг рече дека имала висока температура и била спречена и оти ќе дојде следниот пат. Судот ѝ наложи да донесе соодветна медицинска документација за отсуството.

Камчев вели дека против него играле Боки 13, Катица Јанева и Лиле Стефанова и оти морал да влезе во нивната игра за да ги разоткрие, затоа и прифатил да им даде пари, но оти нивните апетити постојано се зголемувале. Според неговата изјава, тој му  спакувал 500.000 евра во „Луј Витон“ чанта и пред нив морал да глуми и да прашува што ќе добие за тие пари.

Исто така, Камчев кажа дека во август 2018 година дознал дека против него се води истрага од адвокатот Васил Димишков, брат на судијката на претходна постапка Весна Димишкова, која беше подоцна на истрагата „Империја“.

Според изјавата на Камчев, Бојан Јовановски му побарал пари, преку реклама, да уплати во неговата телевизија. Потоа имале уште една средба каде Боки – 13 дошол со препишан бизнис план, за изградба на ВИП-фешн молови, а била присутна и Јасна Мандиќ.  На последната страница од договорот, потпишан бил Лазар Јанев, синот на Катица. Јовановски сакал да му наплати 4 милиони евра на Камчев, за лиценцата за проектот и му рекол дека ќе си има проблеми ако не го потпише. Камчев вели дека не го потпишал.

Камчев раскажа за случката кога неговата сопруга Ана, заедно со обвинетиот Зоки Милевски – Кичеец отишле во домот на Бојан Јовановски во Орман, за да разговаат за случајот кој СЈО го водел против нејзниот сопруг, додека тој бил во притвор, а таму била и тогаш специјалната обвинителка Катица Јанева. Подоцна тука дошол и Дејан Панделески.