Анализа на Андоновски: Предизборна победа на „новиот“ американски дипломатски пристап

Вчерашниот договор за „економска нормализација“ на односите меѓу Белград и Приштина е уште еден од дипломатските успеси кои се планирани како ПР „зачин“ во предизборната кампања за втор мандат на американскиот претседател Доналд Трамп. Успешен маневар по мировниот договор меѓу Израел и ОАЕ минатиот месец. 3 заклучоци.
1. Пристапот ја покажува разликата помеѓу „стариот“ дипломатски булдужер на американската администрација и „новиот“ бизнис пристап на администрацијата на Трамп. Стариот пристап беше обид за сеопфатност и решавање на културолошки, етнички, образовни, политички и правни комплекси (да се потсетиме на Дејтон, Охрид, Кипар), а новиот е пред се економски и трансакциски. Односно, Трамп ги решава прашањата кои можат да се решат, а нерешливите ги препознава, но ги остава да бидат разгледувани понатаму. Во теоријата на меѓународната медијација ова се смета за процес на секвенци/фази (Кризберг, Грег и Диел). Во принцип, овие медијатори се радуваат на „малите победи“, што е можеби добро, затоа што на Балканот очигледно, големите победи се чекаат со децении. Затоа и во договорот не се споменува меѓусебното признавање за кое „бруеја“ и го очекуваа „големите“ балкански аналитичари-сештолози, нема збор за култура, образование и „потешки“ етнички прашања.
2. Договорот ги штити и промовира, на „голема врата“, американските интереси. Договорните одредби забрануваат употреба на 5Г мрежи од untrusted vendors (се мисли на кинески мрежи) кои или нема да се набават, или доколку се веќе монтирани, ќе се отстранат. Договорот е американска поддршка и за промоција на Израел, преку признавање на Израел од страна на првата „муслиманска европска држава“ (според израелските весници од денес) Косово, како и со промена на седиштето на амбасадата на Србија од Тел Авив во Ерусалим. Не се изоставени и бројни полиња на економски интерес, каде американски институции ќе го имаат првиот (односно последниот) збор, во енергетиката, меѓуграничната соработка, антитероризмот, борбата против организираниот криминал.
3. Ваквиот договор е значаен чекор напред за економски просперитет на Балканот. Реномирани професори со балканска експертиза одамна ми кажале дека војните на Балканот не се за злато и нафта, туку за пристап до патишта и пруги (затоа што тоа му недостасува на овој регион). Овој договор предвидува пруга и автопат Белград-Приштина, како и поврзување со пристаниште на Јадранското море (Бар? Драч?). Тоа неминовно значи силни економски ветрови, а и неминовно значи пораз за анемичната македонска дипломатија.
П.С. Според моја скромна оценка, победник во оваа дипломатска трка, освен Трамп, е српскиот претседател Александар Вучиќ. Мајсторски ПР потези со „одбивањето да го признае Косово“, раскарана косовска политичка сцена, економски придобивки за Србија, и продолжување на играта да се остане единствен неутрален партнер на силите на истокот и западот на Балканот. Неговата политичка пензија е очигледно далеку од реалност.