Србија и Косово денес ќе потпишат договор пред Трамп

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во Овалната соба ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти, ќе присуствува на церемонијата на потпишување и ќе учествува на трилатералниот состанок, објави Белата куќа. По средбата во Белата куќа, и Вучиќ и Хоти ќе се состанат индивидуално со американскиот државен секретар Мајк Помпео во Стејт департментот, пренесува Гласот на Америка.

Во соопштението на Белата куќа, издадено доцна во четвртокот навечер по локално време, не беше прецизирано што ќе биде потпишано, дали станува збор за договор или што ќе содржи договорот.

Во текот на неделата кружеа гласини дека постои можност претседателот Трамп да се сретне со претседателот на Србија и премиерот на Косово, но немаше потврда до четвртокот вечерта.

Претседателот Вучиќ по првиот ден од преговорите во Вашингтон рече дека за време на состанокот му бил презентиран нацрт-договор, во кој се споменува заемно признавање, и дека тој го отфрлил, додека премиерот Хоти не одговори дали постои таков предлог, но истакна дека „штетни договори за Косово се неприфатливи, никогаш не дошле и нема да дојдат од Белата куќа“.

Претходно вчера вечерта, Ричард Гренел, специјален пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за преговори за Србија и Косово, кратко коментираше на Твитер: „Ова беше продуктивен ден. Имам надеж“.