Премиерот Зоран Заев придружуван заедно со Љупчо Николовски, Бујар Османи и Бојан Маричиќ одржаа утринска брифинг средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во нашата држава.
На брифингот премиерот Заев во име на Владата ги презентираше стратешките приоритети во следниот четиригодишен мандат со посебен осврт на евроатланските интеграции на земјата.
Во своето обраќање Заев рече дека изминатиот мандат на Владата направи комплетен пресврт во надворешната политика на земјата, отворање и решавање на децениските спорови со соседите, членство во НАТО и го отпочна трансформацискиот процес за приклучување кон ЕУ.
„Овој мандат ќе биде посветен кон темелни реформи на целото општество. Свесни сме за предизвиците кои корона кризата ги носи, но сепак ќе останеме целосно фокусирани на реформите во правосудството, градење на нова трансформирана економија, заштита на животната средина и подобрување на животниот стандард на сите категории на граѓани во нашата земја“, изјави Заев.
„Имаме план за отворање на 80% поглавја до 2024, да доизградиме силна преговарачка структура со учество на сите чинители, креирање на буџетски програми за преговори со ЕУ. Ја зајакнуваме кадровска екипираност и ќе продолжиме да обезбедуваме поддршка за капацитети за имплементација на ИПА 3“, додаде Заев.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар во име на Европската Унија ги пренесе очекувањата за брзи и квалитетни реформи но и посочи дека европските партнери на Северна Македонија остануваат доследно посветени на помош за земјата во пребродување на последиците кои настанаа од корона кризата и реформските зафати на новата Влада.
Амбасадорите ги пренесоа и честитките на нивните влади, како и очекувањата за понатамошна интензивна соработка како на билатерално, така и на мултилатерално ниво.