Едно лице заразило скоро 25 други патници со кронавирусот додека патувало со автобус во Кина, иако не биле сите блиску, според истражувањето кое нуди најнови докази дека коронавирусот се шири преку аеросоли, ситни честички во воздухот.
Здравствените власти на почетокот на пандемијата ја отфрлија можноста дека коронавирусот се шири со вообичаено дишење, но со откривањето на нови докази, тие се предомислија.
Една статија објавена во вторникот во списанието „JAMA Internal Medicine“ ја опишува инфекцијата меѓу патниците кои патувале 50 минути со автобус на будистички настан во Нингбо, јануари годинава, пред маските да станат рутинско средство за борба против вирусот.
Научниците веруваат дека патникот, чиј пол не е објавен, најверојатно бил нулти пациент затоа што бил во близок контакт со луѓето во Вухан, изворот на инфекцијата од крајот на минатата година.
Експертите можеа да мапираат каде седат другите патници и да ги тестираат. Се покажало дека 23 од 68 патници биле заразени во истиот автобус.
Важно е да се напомене дека заразените патници седеле и во предниот и во задниот дел на автобусот, т.е. подалеку од двометарскиот круг, растојание што се сметаше за граница за ширење на вирусот преку капки.
Покрај тоа, нулта пациентот не покажал симптоми на болеста за време на патувањето.
Научниците забележале дека уредот за ладење во автобусот циркулира ист воздух, што веројатно придонело за ширење на вирусот.
„Истражувањата покажуваат дека САРС-КоВ-2 е многу заразен патоген во кружењето на воздухот во затворените простории“, напишаа научниците.
Нивната студија, која вклучува дијаграм за тоа каде седи секој заразен патник, е нов доказ за ширење на вирусот со аеросоли, како истражување за „патувањето“ на вирусот помеѓу ресторанските маси.