Укинување на сегашното право заминувањето во пензија да се одложи до 67-годишна возраст, најави премиерот Зоран Заев. Во Собранието тој изјави дека уште во првите сто дена од мандатот на новата Влада ќе се донесе закон со кој пензионирањето ќе биде задолжително на 64 години за мажи и на 62 години за жени.

Оние кои ќе сакаат ќе можат да се пензионираат и пред време и тоа пет години, но пензијата ќе им биде помала.

Според тие најави лицата кои се пензионираат годинава ќе бидат последните кои ќе ја искористат можноста во пензија да одат на 67 години.

-Законот ќе биде изгласан во првите сто дена, а ќе биде со важност од 1 јануари следната година. Тоа значи задолжително пензионирање на 64 години за мажи и 62 години за жени. Исклучок од тоа ќе бидат здравствените работници, лекарите и медицинските сестри и вработени во високото образование кои се навистина дефицитарни кадри, истакна старо-новиот премиер.

Од друга страна, новиот закон ќе биде поволен за оние кои чекаат да се пензионираат.

– Ќе овозможиме флексибилен пензиски систем со воведување можност за предвремено пензионирање до максимум пет години пред остварувањето на правото на пензија, со пропорционално намален износ на редовната пензија, стои во програмата за работа на новата Влада.

Заев уверува дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување може да го издржи тоа.