Иако Европската комисија сеуште не испрати официјална честитка за формирањето на новата влада, сепак еврокомесарите и европратениците преку Твитер испратија честитки и пораки до новата влада.
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, порача дека „со нетрпение“ очекува да соработува со новата влада на премиерот Зоран Заев на потребните реформи за ЕУ интеграција.
„Важно е сите сили во општеството да работат заедно кон оваа цел на остварување напредок на патот кон ЕУ“, напиша Вархеи.
Поранешниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, кој сега го држи портфолиото за буџет и кој беше посебно инволвиран во процесот на отпочнување преговори за членство со ЕУ, изрази задоволство со новиот владин состав.
„Добро е што повторно гледаме влада со јасна европска агенда на функција! На премиерот Зоран Заев и неговиот тим им посакувам сѐ најдобро. Во интерес на земјата, на граѓаните и повторно како модел за целиот регион, важно е да се создаде конструктивна атмосфера помеѓу политичките чинители кога станува збор за исполнување на заедничките европски цели“, напиша Хан на својот Твитер налог.
Новата влада ја поздравија и од Европскиот парламент. Известувачот за Македонија, Илхан Ќучук, утрово го поздрави „брзото формирање“ во услови на глобална пандемија.
„Треба да потсетиме дека Заев ги истакна и договорот со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција како основа за продолжување на реформите. Новата влада во Скопје, која е јасно проевропска сега ги има сите алатки за да го продолжи напредокот што го направи Северна Македонија во последните години. Сметам дека една од првите задачи на новата влада е да изготви патоказ за пристапување, врз основа на широк консензус во земјата, а во меѓувреме Советот на ЕУ треба да го усвои финалниот текст од преговарачката рамка за да може да се свика првата меѓувладина конференција најбрзо што може“, порача Илхан Ќучук во неговата писмена реакција до медиумите.
Ќучук е бугарски пратеник од групата на либералите Обнова на Европа.
Шефот на пратеничкиот клуб на Обнова на Европа, Дачиан Чиолош, изрази увереност дека македонската влада целосно ќе им се посвети на ЕУ реформите во наредниот период „за да обезбеди процес кој ќе има трансформативен ефект врз општеството, отворено и транспарентно инволвирајќи ги сите чинители“.