Според првичните податоци за обработени гласачки ливчиња опозицијата има мнозинство во црногорскиот парламент, а Демократската партија на социјалистите на Ѓукановиќ оди во опозиција после 30 години.

Според Центарот, ДПС има 30 мандати, коалицијата „За иднината на Црна Гора“ 27, „Мирот е нашата нација“ 10 места, а „Црно на бело“ четири. Социјалдемократите и Бошњачката партија би имале по три места, СДП два и два мандата за двете листи на албанските партии.

Сè на сè, трите опозициски коалиции имаат 41 мандат, а ако на тоа се додадат и двата мандати на СДП на Ранко Кривокапиќ, кој последните четири години ги помина во опозиција, откако се судри со Ѓукановиќ во 2016 година и ја напушти владејачката коалиција, во која беше цели 18 години, излегува дека опозицијата има силно мнозинство.

Првиот следен чекор што го најавуваат опозициските лидери ќе биде формирање експертска влада што ќе ја води Црна Гора до излегувањето од економската криза. Во првите говори по прогласувањето победа, таа идејата беше поддржана од лидерите на сите три коалиции.

Претседателот на Црна Гора и лидер на Демократската партија на социјалистите, Мило Ѓукановиќ, во своето прво обраќање по парламентарните избори рече дека го почитува резултатот постигнат од опозицијата и призна дека засега неговата партија, со традиционалните коалициски партнери, нема мнозинство во парламентот.

„Резултатите сè уште доаѓаат и тешко е да се каже кои се веродостојни информации. Имаме 40 мандати со коалициските партнери, борбата за мнозинството места сè уште трае“, рече Ѓукановиќ, истакнувајќи дека над 90 проценти од гласовите се обработени.

Тој исто така потенцираше дека ќе ги чека конечните резултати на Државната изборна комисија, додавајќи дека ќе ги почитува нивните резултати.