Од ураганот Лаура загинаа 14 лица во САД

Најмалку 14 лица загинале како резултат на ураганот Лаура во сојузните држави Луизијана и Тексас, на југот на Соединетите држави, според новите податоци на властите и медиумите.

Гувернерот на Луизијана, Џон Бел Едвардс потврди дека најмалку 10 лица загинале во државата, од кои половина се жртви на задушување од јаглерод моноксид затоа што користеле преносни генератори во затворен простор, бидејќи редовното напојување со струја било прекинато.

Уште четири лица загинаа при паѓање на дрво, а еден човек се удави во невремето, пренесува Франс прес.

Во петокот имало 464.813 домаќинства без електрична енергија, објави веб-страницата Poweroutage.us.

Во Тексас, три од четири жртви починале како резултат на вдишување јаглерод моноксид.

Станува збор за бездомници кои се засолниле во билјард клуб и внеле генератор за струја, пишува локалниот весник.

Медиумите известуваат за друга жртва во источен Тексас, која починала од пад на дрво.

Лаура помина низ државата Хаити во неделата, каде што уби најмалку 31 лице, според последните официјални податоци.

Во соседната Доминиканска Република, која, како Хаити, се наоѓа на островот Квискеја, четири лица загинаа од ураганот.

Брегот на Луизијана, кој беше уништен од ураганот, започна со долго закрепнување, но стотици илјади луѓе сè уште немаат струја и вода.

Илјадници луѓе кои ги напуштија своите домови пред невремето по враќањето беа „пречекани“ од куќи без покриви и патишта покриени со урнатини.

Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп денес ќе ја посети областа.