Британските експерти утврдуваат колку време трае имунитетот по инфекција со коронавирусот

Бидејќи сè уште не е целосно јасно како реагира човечкиот имунолошки систем на коронавирусот, научниците од 17 истражувачки центри во Велика Британија се обидуваат да најдат одговори на прашањата за тоа колку трае имунитетот по инфекцијата и зошто има толку многу тешки случаи.

Новоформираниот британски имунолошки конзорциум (UK-CIC), кој се занимава со коронавирусот, вели дека со проучување на човечкиот имунитет, тој ќе придонесе во борбата против епидемијата, пишува Би-Би-Си.

За таа цел, институцијата доби 6,5 милиони фунти од британскиот центар за истражување и иновации и Националниот институт за медицински истражувања.

Вирологот и имунолог, професор Мала Маини од Универзитетскиот колеџ во Лондон, кој го предводи истражувачкиот тим, вели дека „одговорот на нашиот имунолошки систем на вирусот одредува како ќе реагираме кога ќе се заразиме со него“.

“Тоа зависи од тоа колку сериозно се разболуваме кога ќе заболиме од акутна инфекција, колку долго ќе бидеме заштитени по инфекцијата и како ќе реагираме на вакцината. Клучна реакција на вирусот е во нашиот имунолошки систем”, вели професорот.

Од појавата на вирусот, научниците се натпреваруваат со цел што побрзо да откријат како реагира нашиот организам на инфекцијата.

Конзорциумот на експерти се надева дека ќе може да ја открие улогата на имунолошкиот систем дури и во тешки случаи на инфекција.

Тие исто така бараат одговор на прашањето колку трае имунитетот по инфекцијата.

Оваа недела, научниците од Хонг Конг го забележаа првиот случај на повторна инфекција кај еден пациент. Професорот Пол Мос, еден од членовите на конзорциумот и експерт од Универзитетот во Бирмингем, вели дека ова е „еден од милион случаи“.

Исто така, постои загриженост дека имунитетот кон коронавирусот постепено опаѓа со тек на време.

Но, фактот дека заразено лице од Хонг Конг не покажало никакви симптоми за време на втората инфекција, укажува дека стекнатиот имунитет би можел да биде ефикасен во спречувањето на повторна појава на болеста.

Членовите на конзорциумот исто така ќе испитаат дали некои луѓе едноставно се имуни на вирусот, дури и ако никогаш не биле изложени на него.

Неколку претходни студии покажаа дека претходната изложеност на еден од коронавирусите кои предизвикуваат обична настинка му овозможува на имунолошкиот систем да го препознае и новиот коронавирус.

Професорот Мос вели дека е клучно да се најде одговор на следното прашање – дали може инфекцијата со други, благи коронавируси да ве заштити од добивање на Ковид-19 или дали тоа ќе ја направи болеста уште потешка.