Австралиските пожарникари се борат со ширењето на огнената стихија, со цел да ги стават под контрола пожарите кои го зафатија источниот брег на Австралија.
Активни се 150 пожари во Нов Јужен Велс додека силни ветрови го шират чадот повторно кон најголемиот австралиски град – Сиднеј.
Најмалку четири луѓе загинаа во пожари од почетокот на ноември, а повеќе од 680 куќи се уништени. Пожарите продолжуваат во Нов Јужен Велс, Викторија, Јужна Австралија и Квинсленд.
Властите се особено загрижени за осум пожари околу Сиднеј, главниот град на државата, каде живеат околу пет милиони луѓе. Неколку пожари северозападно од градот се споија, со што се формира голем фронт што се шири со помош на ветар, вели комесарот на пожарната служба на Нов Јужен Велс, Шејн Фицсимонс.