Кинеската компанија „ByteDance“, сопственик на видео апликацијата „TikTok“, ќе ја тужи администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за обидот да ја забрани популарната апликација во САД заради загриженоста за националната безбедност.
Кинеската компанија тврди дека не претставува закана за националната безбедност и дека американската влада продолжува со „претседателската анти-кинеска политичка кампања“, пренесуваат агенциите.
Компанијата соопшти дека американската влада дејствува без докази и поднела тужба во федералниот суд во Калифорнија против Министерството за трговија, претседателот Трамп и секретарот за трговија Вилбурр Рос, велејќи дека се обидуваат да ја спречат владата да го забрани „ТикТок“.
Трамп издаде две наредби во август.
Тој најпрво наметна голема, но нејасна забрана за секоја „трансакција“ со ByteDance на 6 август, која ќе стапи на сила на 20 септември.
Една недела подоцна, тој и нареди на компанијата да го продаде имотот на „TikTok“ лоциран во Соединетите држави во рок од 90 дена.
Судската постапка на „ТикТок“ не се однесува на налогот за продажба.
Сопственикот на апликацијата „ТикТок“ рече во жалба дека иако целокупниот опсег на налогот за забрана од 6 август останува нејасен сè додека одделот за трговија не го изврши, наредбата сепак претставува „егзистенцијална закана за американскиот бизнис на „ТикТок “.