Пендаровски: Треба уште многу да направиме за унапредување на родовата еднаквост

Синоќа претседателот на джавава се обрати на затворањето на осмото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО. Манифестација која во континуитет придонесува за промовирање на родовата еднаквост и феминистичките вредности во нашето општество.

Пандемијата придонесе за продлабочување на постојните нееднаквости во различни области и на различни нивоа и ни покажа колку е важно да се работи на градењето на подобар свет, на заедници во кои еднаквоста, грижата, почитта, солидарноста ќе бидат наши носечки принципи, инаку, принципи кои се и во основата на феминизмот и движењата за родова и социјална правда, изјави претседателот на државава, Стево Пендаровски.

Тој истакна дека родовата еднаквост е важна заложба во неговиот мандат и дека со неговото делување сака да даде придонес во унапредување на родовите политики во земјата.

„Моето присуство на овој настан сакам да биде разбрано како поддршка на посветеноста на организаторките и сите културни работнички и работници, уметници, активистки и теоретичарки кои со години даваат придонес во развојот на нашата независна културна сцена и ја промовираат женската културна и уметничка креација“, рече Пендаровски.

„Неспорно е дека како општество треба уште многу да направиме за унапредување на родовата еднаквост во културната сфера, се разбира, и во останатите сегменти. Но, убеден сум дека токму ваквите културни настани, помагаат за реобмислување на постојните концепти, за продукција на нови идеи, визии и простори за делување. Секоја таква активност не води кон позитивни промени, кон подобро општество, кон унапредување на родовата еднаквост и збогатување на културната продукција во земјата и регионот“, изјави Пендаровски.