На Јутјуб каналот „Вирал Хог“ е објавено видео од експлозијата во Бејрут, кое е снимено од неверојатна близина. Ова е снимка што јасно го прикажува нивото на уништување предизвикано од експлозијата.
Лицето кое го снимило ова видео се здобило со повреди од експлозијата, пренесува „Дневник.хр“.
Бројот на загинати од катастрофалната експлозија во либанската престолнина Бејрут се искачи на скоро 180, околу 6.000 лица се повредени, а најмалку 30 се водат како исчезнати, велат од ООН.
Експлозијата ја наруши работата на шест болници и оштети повеќе од 20 клиники во најтешко погодените делови на Бејрут, се вели во извештајот на хуманитарните агенции на ООН.
Сè уште не е познато што го предизвикало пожарот што детонирал скоро 3.000 тони амониум нитрат складирани во пристаништето во Бејрут на 4 август, но документите покажуваат дека највисоките службеници и безбедносни служби во Либан знаеле за потенцијално опасната хемикалија.
Експлозијата предизвика гнев кај јавноста и ја принуди либанската влада да си даде оставка.