Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска се обрати на централната свеченост по повод одбележувањето на 18 Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија.
„Оваа година станавме 30-та членка на НАТО, организација на демократски и просперитетни држави. Членството е резултат на волјата на големото мнозинство наши граѓани, како и на залагањата на повеќе парламентарни состави и влади во изминатите три децении. Неспорно е дека станува збор за исклучително историско постигнување кое ја гарантира нашата безбедност и ја јакне внатрешната кохезија на нашето мултиетничко оштество“, изјави Пендаровски.
Тој напомена дека полноправното членство во НАТО немаше да биде возможно без напорите во континуитет и професионалниот однос на сите припадници на Армијата, без луѓето кои секогаш се главната динамична сила на интегративниот процес. Нашето членство е резултат на темелните одбранбени реформи, личната посветеност на храбрите жени и мажи во нашите вооружени сили, и нивното учество во ризичните мировни мисии во светот.
Поради континуираната поддршката од Соединетите Американски Држави, ја одликува со Орден за воени заслуги Канцеларијата за соработка во одбраната на Соединетите Американски Држави. Орденот е симболичен израз на благодарноста на македонските граѓани кон Соединетите Американски Држави и пријателскиот американски народ за сета поддршка во сите изминати децении.
„Без доверба во институциите ја ризикуваме и нашата национална безбедност. Ниската репутација и разочараноста на граѓаните од политиката и од нас, политичарите, креираат идеален амбиент за новите начини на поткопување на стабилноста и безбедноста, како што се хибридните закани. Најдобриот начин за борба против дезинформациите, лажните вести и останатите хибридни закани е токму високата доверба на граѓаните во демократските институции. А, таа доверба се заслужува само преку одговорна политика и бескомпромисна борба со оние кои ги кршат законите, независно од нивната функција и моќ. Ако не сме сите еднакви пред законот и ако политичката власт се користи за личното, а не за јавното добро, таквата држава нема перспектива“. рече Пендаровски.
Тој потенцираше дека негова врвна политичка заложба како Врховен командант, а дека тоа го очекува и од новата влада е во следните години да се остварим зацртаната цел за вложување на најмалку 2% од БНП во модернизацијата и развојот на Армијата.
„Оваа заложба, заедно со новата влада и новиот парламент, ќе ја актуелизираме, особено во пресрет на подготовките за буџетот за следната година. Во овој контекст, сакам да подвлечам дека е неспорен и континуитетот на наше активно учество во мировните мисии предводени од НАТО, Европската Унија и Обединетите нации со што придонесуваме за глобалниот мир и безбедност“, рече Пендаровски.
На на национално ниво, во битката против вирусот важно учество има и Армијата. Затоа, денес, со Орден за воени заслуги одликува и две единици на Армијата кои зад себе имаат забележителни резултати. Покрај нивниот ангажман во мирнодопски услови во земјата и во меѓународни мисии, овие две единици и во услови на прогласена вонредна состојба давале голема поддршка на другите институции, особено на министерствата за здравство и за внатрешни работи и на единиците на локалната самоуправа.
Третиот пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада од Командата за операции од Тетово имаше успешна мисија во прогласените кризни региони во општините Дебар и Центар Жупа. Баталјонот за воена медицинска поддршка од Логистичката база, освен што секојдневно се грижи за здравјето на припадниците на Армијата, ја стави својата болница на располагање на Клиниката за инфективни болести и ангажираше медицински персонал за поддршка на КОВИД – центарот во Градската општа болница „8-ми Септември”. Преку одликувањето на овие две единици симболично им се оддаде признание и на сите припадници на Армијата кои изминативе месеци беа ангажирани во справување со последиците од пандемијата.
„Како ваш Врховен командант особено сум горд на покажаниот висок професионализам, дисциплина и посветеност во овие тешки времиња. Вашата подготвеност да помогнете таму каде што е најмногу потребно е пример за целата наша заедница. Тоа не обврзува да продолжиме со вложувањето во Армијата, во нејзината опрема и вооружување, но, пред се и нас се, во вас, во човечкиот потенцијал, затоа што армијата не ја чинат објектите, туку луѓето од кои зависи нашата безбедност и стабилност“, изјави Пендаровски.