Фармите со ветерници и соларните панели произведоа 10 проценти од електричната енергија во светот во првата половина на 2020 година, додека производството на јаглен е во пад, покажува извештајот од центарот за енергетика „Ембер“.
Научниците предупредуваат дека се потребни поголеми намалувања на стакленичките гасови во енергетскиот сектор за да се ограничат климатските промени и нивните негативни последици како што се поплавите, сушите и загубата на биодиверзитетот.
Производството на електрична енергија од фарми со ветерници и соларни панели се зголеми за 14 проценти во првата половина на 2020 година во однос на истиот период лани, додека 8,3 проценти помалку електрична енергија доаѓа од електраните на јаглен, се вели во извештајот на независниот центар за енергетика Ембер.
Севкупно, побарувачката за електрична енергија падна за шест проценти во текот на првите шест месеци од пандемијата на коронавирус, се вели во извештајот.
Анализирани се 48 земји
И покрај падот, електраните на јаглен се уште произведуваат 33 проценти од електричната енергија во светот.
„За да се одржи можноста за зачувување на затоплувањето на Земјата на 1,5 Целзиусови степени, производството на електрична енергија на јаглен мора да падне за 13 проценти секоја година во оваа деценија“, рече аналитичарот на „Ембер“ Дејв Џонс.
Најголем процент на електрична енергија од обновливи извори има во Европа (21 процент) и Велика Британија (33 проценти). Кина е со 10 проценти, а САД 12 проценти.
Производството на јаглен падна за 31 процент во САД, 32 отсто во Европа и само два отсто во Кина.
Во извештајот на Ембер се анализирани податоци од 48 држави кои сочинуваат 83% од вкупното производство на електрична енергија.