Дел од жителите на Маџари кои живеат во близината на Вардариште, попладнево со транспаренти излегоа на протест и го блокираа сообраќајот на пругата. Тие се револтирани дека, и покрај тоа што депонијата Вардариште е затворена, во неа и понатаму се фрла отпад и разно ѓубре, а надлежните се пасивни и не преземаат мерки. „Вардариште е затворена депонија, престанете да фрлате отпад“, порачаа на протестот.

„Ѓубрето секојдневно се фрла на сите страни, дополнително девијантни лица го палат, палат разни гуми, ѓубришта и секој ден се создава неподнослива смрдеа и чад. Не можеме веќе тоа да го толерираме, тука живееме, живеат нашите семејства. Проблемот може да се реши ако се следат примерите од поразвиените земји, каде што сите депонии се претворени во паркови и места за забава и рекреација“, изјави за „Радио МОФ“, Далибор Коцевски, еден од организаторите на протестот. Тој посочи дека многу години се зборува за ревитализација на депонијата, но проблемот наместо да се подобри, од ден на ден се влошува и се генерираат повеќе депонии.

На протестот жителите побараа дислоцирање на претоварната станица, затрупување на огромната дупка ископана за цевките за пречистителната станица од каде се шири  неподнослива смрдеа, строга контрола на отпадите кои се во близина на Вардариште, дислоцирање на дивиот пазар „Бувљак“, каде се генерира нов отпад во непосредна близина, затворање на сите влезови на Вардариште и строга полициска контрола, бидејќи, како што изјавија за „Радио МОФ“, секојдневно се носи нов отпад.

За овој проблем веќе се информирани претставници на Град Скопје, Инспекторатот, претставници од МЖСПП, Комунална Хигиена, градоначалникот на Гази Баба, но се уште нема никаква реакција.

Денеска напладне на прес конференција излезе скопскиот градоначалник Петре Шилегот кој порача дека Градот нема пари за целосна санација на Вардариште, па побара вклучување на Министерството за животна средина. „Според Студијата за санација на некогашната депонија Вардариште, за примарна заштита на тој простор со технологиите кои се познати, потребни се некаде околу 25 милиони евра, а за целосна санација околу 40 милиони евра средства, кои Град Скопје, за жал, ги нема на располагање“, рече Шилегов.

На 20 хектари површина, Вардариште дваесетина години имаше улога на главна депонија за одлагање на отпадот од главниот град, иако не беше изградена според стандарди. На таа локација постојано се формираат и диви населби и често има појава на пожари поради неконтролирано палење на отпадот.