Инспекција ќе проверува дали дадилката која тепаше дете имала лиценца

Министерството за труд и социјала ќе изврши вонреден инспекциски надзор во Агенцијата преку која била ангажирана дадилката кoja тепаше двегодишно дете во скопски Аеродром. Вработените во одделот за детска заштита треба да проверат дали 59 годишната жена има соодветна лиценца за да чува деца.

-Инспекцискиот надзор се прави со цел да се утврди дали Агенцијата ја почитувала Законската регулатива при ангажирање на дадилката, велат за Сител од министерството за труд и социјала.

Од македонската асоцијација на дадилки сметаат дека лиценцата не е доволна за да се процени личноста на која и се доверуваат децата. Според претседателката на асоцијацијата потребна е поголема контрола. Кандидатите прво да поминат соодветна обука па потоа да се полага за дозвола за дадилка во домашни услови.

-Најголема контрола треба да биде во тоа кој воопшто може да полага за лиценца. Понекогаш самите медицински наоди на одредени кандидати не се доволен доказ, бидејќи за во домашни услови можат да полагаат кандидати со било какво образование. Сметаме дека треба да одиме во насока на образование. Односно негувателките кои немаат соодветно образование би поминале процес на сертификација, односно стекнување на вештини преку одредени обуки и да има надзор од ментори и медицински лицакои можат да дадат проценка дали таа личност е соодветна да чува деца, па после да полага за лиценца односно дозвола за работа, изјави Сања Аризанов, претседател на Македонската асоцијација на дадилки.

Во Асоцијацијата имале и случај кандидатка да не ја помине обуката зошто менторите процениле дека не е соодветна за да чува деца.

-А истата личност има поднесено барање за лиценца, додаде Аризанов.

Според Аризанов децата најдобро би се социјализирале во градинка, но до двегодишна возраст подобро е да бидат чувани од соодветни лица во домашни услови, но  родителите прво добро да испитаат на кого му ги доверуваат децата.

-Да направат детално интервју. Да прашаат дали го знаат бројот на Брза помош, зосто се случува и тоа да не го знаат. Што би правеле во одредена ситуација со нивното дете и да ги проверат препораките, вели Сања Ариозанов, од Македонската Асоцијација на дадилки.

И последниот и случајот од пред четири години на малтретирање деца од страна на дадилки беа откриени со помош на камери. Жената од Аеродром од вчера е во 30-дневен притвор, а негувателката од Ѓорче беше осудена на 14 месеци затвор.