Организаторите во својата објава на протестот велат дека бараат итно постапување во насока на расчистување на дивата депонија Вардариште и преземање мерки за надминување на проблемите со отпадите од секој вид.

Во петок во 17 часот на рампата во населбата Маџари ќе се одржи протест против загадувањето од Вардариште.

– Се повикуваат сите граѓани од Маџари, Триангла, Ченто, Хиподром, на протест против „претоварната станица“ во Вардариште, од којашто секојдневно се гушиме во смрдеа сите ние. Исто така протестираме против секојдневното неконтролирано палење секакви отпади поради продавање метал во дивите отпади! – пишуваат во својата објава група граѓани, кои се организатори на протестот.

Тие бараат итно постапување во насока на расчистување на дивата депонија Вардариште и преземање мерки за надминување на проблемите со отпадите од секој вид.

– Правото на чист воздух и здрава животна средина е основно човеково право и мора да се бориме до крај – велат во повикот организаторите.

Од Општина Гази Баба, на чија територија се наоѓа старата депонија, нема одговор дали нешто преземаат за решавање на проблемот со кој се соочуваат граѓаните, особено во однос на дивите палења отпад и дали планираат чистење на Вардариште. Молчат и за тоа дали до нив стигнуваат реакции и жалби од граѓаните кои живеат близу депонијата.