Грција повторно ги затвара баровите и рестораните, а за странците бара негативен тест за влез во земјата

Грчките власти во понеделникот повторно воведоа построги мерки против ширењето на коронавирусот, затворајќи барови и ресторани во текот на ноќта во нивните најистакнати туристички дестинации.

Во областите каде што бројот на новозаразени расте забрзано – во Крит, Санторини, Миконос, Закинтос, Родос и некои други туристички дестинации – баровите мора да бидат затворени од полноќ до седум наутро, изјави портпаролот на владата Аристотелја Пелони.

Со 203 нови случаи во недела, најголем број новозаразени регистрирани за 24 часа во земјата од почетокот на пандемијата, Владата одлучи мерката да стапи на сила од вторник до 23 август, додаде портпаролката.

Покрај тоа, од посетителите кои пристигнуваат со авион во Грција од Шведска, Белгија, Шпанија, Холандија и Чешка, ќе се бара да имаат негативен PCR тест, не постар од 72 часа.

Оваа одлука стапува на сила од 17 август.

Истото важи за сите посетители кои влегуваат во Грција преку копнените граници, вклучително и грчки државјани кои се враќаат дома.

Властите го откажаа и саемот во Солун, кој требаше да се одржи од 5 до 13 септември.

Грција добро се справи со првиот бран на коронавирус, но во последниве денови бројот на заразени расте.

Во земјата починале вкупно 212 лица, покажуваат официјалните бројки, а околу 5.600 се заразени.