Пливањето е една од омилените летни активности за многумина, без разлика дали пливаат во море, езеро или базен. Покрај тоа што е лесно достапно за секого, од него има и бројни здравствени придобивки, но и можност да влијае на обликувањето на нашето тело.
Пливањето е препорачливо за секого, без оглед на нивната здравствена состојба.
Тоа е еден вид рекреација што има исклучително позитивен ефект врз нашето целокупно здравје. Не само што се постигнуваат аеробни ефекти на физичката активност, но во исто време се зајакнуваат сите мускулни групи на нашето тело: на рацете, рамената, грбот, задникот, градите и нозете.
Ова се случува затоа што отпорот што гоправи водата е дури 10 до 15 пати поголем од тој што го има во воздухот, така вежбањето е многу поефикасно. Со други зборови, постои притисок во водата што не е присутен во воздухот, така што отпорноста кон нашите мускули се обезбедува од сите правци, а во исто време водата ги олабавува мускулите и зглобовите, што не е случај кога вежбаме надвор од водата.
Постојат неколку стилови на пливање, најдобро е да ги комбинирате сите ако вашето здравје тоа го дозволува, бидејќи тоа ќе доведе до затегнување и обликување на целото тело, повеќето од нас сакаат да работат на специфичен дел од кој можеби и не сме задоволни. За среќа, пливањето има решение и за тоа, така што подолу ви ги прикажуваме придобивките од посебен стил на пливање.
Треба да се напомене дека е неопходно да се плива барем половина час три пати неделно за да се постигне ефектот на вежбите и да се постигнат навистина видливи резултати. Во сите стилови на пливање, важно е да се задржи телото што е можно хоризонтално за да се избегнат повреди на цервикалниот ‘рбет.
1. Градно пливање за обликувани раце и бутови
Стилот на пливање кон кој се свртуваат повеќето жени е секако градно пливање. Исто така, тоа е најспора техника за пливање која бара поголема јачина на рамената и нозете, а со тоа влијае и на нивното обликување.
Постојаните замавнување со нозете, го намалува целулитот, додека несаканото масно ткиво на рацете, што им пречи на многу жени, се намалува. Покрај тоа, за време на градното пливање, се истегнуваат нашите стомачни мускули, што има корисен ефект врз формирањето на “плочки”. Но, најмногу од се тоа влијае на пекторалните мускули.
Меѓутоа, ако имате проблеми со долниот, т.е. лумбалниот ‘рбет, избегнете го овој стил бидејќи во спротивно состојбата може да се влоши.
2. Грбно пливање за обликувани рамења и стомачни мускули
Малку поактивен стил на пливање во кој е неопходно да се комбинираат наизменични замавнувања на десната и левата рака и нозете, со лицето свртено нагоре и со грбот во водата, е пливањето на грб. Додека правиме интензивни замавнувања на рацете, целото тело е издолжено, а тоа е особено видливо во стомачните мускули.
Затоа овој стил е идеален за сите оние кои се борат со масните наслаги во абдоменот. Покрај тоа, заради дополнителното оптоварување на вода, ова се смета за многу поефикасно вежбање од која било верзија на вежби за стомчни мускули.
Исто така, замавнувањата со рацете силно влијаат на обликувањето на рамената и рацете. Тие ги намалуваат масните наслаги и совршено ја дефинираат целата област на рамото.
3. Краул или слободен стил за целото тело
Овој стил се карактеризира со наизменични замавнувања со левата и десната рака, лицето е свртено кон површината на водата, додека наизменичните замавнувања со нозете го одржуваат движењето напред.
Ефектот што го има врз целото тело е еднаков на аеробни тренинзи, освен тоа што за половина час ќе потрошиме значително повеќе калории отколку ако тоа го правиме во теретана. Ова пливање е погодно за сите оние кои немаат сериозни проблеми со ‘рбетот, и ако редовно се практикува, може значително да влијае на целото тело, исто како и аеробниот тренинг во сала.
Не е занемарлив ниту начинот на дишење што е неопходен за време на пливањето и на кој водата „нè присилува“ на некој начин. Имено, пливањето бара многу подлабоко дишење, а токму тоа е техниката на дишење која се препорачува за секој што е под стрес, доживува напад на паника и едноставно треба да се смири.
Ова го намалува нивото на кортизол, или хормонот на стрес и го смирува целото тело, поради што пливањето се препорачува за лица кои страдаат од вознемиреност.