Продолжува големиот интерес на граѓаните за купување на нов стан. Интересот за купување станови кај граѓаните е континуиран. Пад на продажбата на становите не е забележан ниту за време на коронакризата.

Податоците на Народната банка покажуваат дека во јуни се одобрени станбени кредити на физички лица во износ од 54.382 милиони денари при што е забележан раст од 1,4 отсто во однос на мај годинава и 13,8 отсто во однос на јуни минатата година. Од март, кога почна корона кризата, издадени се над 50 милијарди денари станбени кредити на граѓаните. Во март 52.949 милиони денари, во април 53.172 милини, мај 53.621 милион денари.

Податоците покажуваат дека и во мај има зголемување на издадените кредити за 13,4 отсто на годишно ниво.

 

Во периодот април – јуни 2020 година, на целата територија на земјава се продадени 681 новоизградени станови што е за 38 станови помалку од првиот квартал во 2020 година, покажуваат податоците од регистарот на цени и закупнини. Согласно со статистиката на Агенцијата за катастар на недвижности заклучно со јуни, на целата територија на државата има 6.436 станови кои се изградени, а сè уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности.

Исто така, во Агенцијата за катастар на недвижности се издадени 12.902 листови за предбележување на градба што укажува дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности.

Податоците покажуваат дека просечната цена на метар квадратен во 2019 година изнесува 44.994 денари, што е за 4,3 отсто повеќе во однос на 2018 година. Во Скопје, просечната цена на 1м2 изнесуваше 48.204 денари што е за 3,1 отсто повеќе во споредба со 2018 година, додека во останатите населени места во државата таа изнесуваше 35.255 денари, што е за 6,3 отсто повеќе во споредба со 2018.Наведените просечни цени на 1м2 станбена површина се без данок на додадена вредност.