Нов Зеланд веќе 100 дена е без ниту еден нов случај на локално пренесување на коронавирусот, но властите предупредуваат дека е рано да се релаксира состојбата.
Во моментов има 23 позитивни луѓе во таа земја, но тие се откриени на границата и веднаш се ставени во карантин.
„Достигнувањето до 100 дена без локален пренос е важна фаза, но сепак, како што сите знаеме, не можеме да си дозволиме небрежност“, рече директорот на Агенцијата за јавно здравје Ешли Блумфилд.
„Видовме во странство колку брзо вирусот може да се врати и да се шири на места каде што претходно беше под контрола и ние мора да бидеме подготвени да го изолираме секој нов случај во иднина во Нов Зеланд“, додаде тој.
Нов Зеланд, кој има 5 милиони жители, има вкупно 1.219 потврдени случаи на коронавирус од февруари, при што последниот е дијагностициран на 1 мај. Починаа 22 лица.
Светската здравствена организација ја наведе земјата како пример затоа што успешно го запре ширењето на вирусот меѓу населението.
Нов Зеланд ги затвори своите граници на 19 март. Оттогаш секој човек што доаѓа во земјата треба да помине во изолација од 14 дена.
Новозеланѓаните живеат скоро нормален живот, без физичко растојание и со спортски и културни настани што се одвиваат нормално.