Во Германија, денес ќе стапи на сила новото правило за задолжително тестирање на коронавирусот за сите патници кои се враќаат во земјата од една од високоризичните земји.
Тестовите ќе се извршат веднаш по враќањето на аеродромите или во еден од центрите за одбрана од коронавирусот, а можно е да се изврши тестот и кај матичен лекар. Во првите 72 часа по враќањето, тестот е бесплатен.
За повратниците кои пристигнуваат по копнен пат, тестовите се организираат во центрите близу поголемите гранични премини или железничките станици. Ова главно се однесува на сојузната држава Баварија.
Тестот е исто така можно да се направи во земјата од која доаѓа патникот, но не смее да биде постар од 48 часа и во тој случај трошоците за тестирање паѓаат на товар на патникот.
Бесплатните тестови во рок од три дена се можни, но не и задолжителни за повратниците од не ризични земји.
Времето на чекање за резултатот од тестот, кое по правило не трае подолго од 48 часа, мора да се потроши во карантин. Неисполнувањето на обврската за тестирање може да се казни со парична казна до 25.000 евра.
Централниот германски епидемиолошки институт Роберт Кох наведува околу 130 земји и региони на списокот на земји во ризик, вклучувајќи ги и сите земји од Западен Балкан.
Од земјите и регионите во Европската унија, Луксембург се смета за ризичен, како и неколку шпански региони, вклучувајќи ја и Каталонија.
Здружението на германски лекари (Марбургер Бунд) го поздрави воведувањето на обврската за тестирање затоа што тековните тестови, како што е соопштено, покажале дека повратниците од подрачја со висок ризик имаат повисоки стапки на инфекција од популацијата што останала дома.
Тестирањето за коронавирусот чини 50,50 €.
Институтот „Роберт Кох“ секојдневно бележи повеќе од 1.000 нови случаи на инфекција со коронавирусот трети ден по ред.