Руската вакцина против КОВИД-19 ќе биде регистрирана на 12 август

Руската вакцина против КОВИД 19, направена од центарот „Гамалеј“, ќе биде регистрирана на 12 август, а први што ќе ја примат се медицински работници и постарите жители на земјата, рече заменик министерот за здравство на Русија, Олег Гриднев.

„Сега е во тек последната, трета фаза од тестирањето. Тестирањето на вакцината е многу важно. Треба да разбереме дека вакцината мора да биде безбедна. Прво, медицинските работници и старите лица ќе бидат вакцинирани“, рече Гриднев.

Тој додаде дека ќе биде можно да се процени ефективноста на вакцината само кога ќе се формира имунитет кај популацијата, пренесува Спутник.

Клиничките испитувања на вакцината, изработени од Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеј“, започнаа на универзитетот Сеченов на 18 јуни, а на тестирањето учествуваа 38 доброволци, од кои сите се стекнаа со имунитет на коронавирусот.