Иако технички се во војна, знамето на Либан засвети во Тел Авив

Градското собрание на плоштадот Jиcак Рабин во Тел Авив беше осветлено со Либанското знаме во ретка демонстрација на солидарност со Бејрут, кој беше погоден од катастрофалната експлозија.

Ројтерс пренесува дека знамето било подигнато и покрај тоа што Израел технички е во војна со Либан со децении, иако се смета дека најголемиот непријател на Израел е Хезболах, муслиманска шиитска вооружена група, поддржана од Иран.

Сепак, градоначалникот на Тел Авив, Рон Хулдаи рече дека „хуманоста е пред секој конфликт“.

„Човештвото има предност пред секој конфликт и нашето срце е со либанскиот народ по страшната катастрофа што им се случи“, напиша градоначалникот на Твитер.

Многу Израелци рекоа дека се ужаснати од експлозијата и изразија сочувство кон либанскиот народ, и покрај претходните непријателства меѓу двете држави, јавуваат израелските медиуми.

Сепак, синот на премиерот на Израел, Јаир Нетанјаху, на Твитер објави дека се спротивставува на потегот на градоначалникот на Тел Авив, тврдејќи дека е нелегален и дека „Либан е официјално терористичка држава“ и дека кревањето знаме на непријателска земја е кривично дело.

Градот Тел Авив претходно го осветлуваше градското собрание во боите на другите земји, вклучително и на САД по масовните пукања во Лас Вегас во 2017 година, Шпанија по смртоносниот напад во август 2017 година и двапати за Египед по терористичките напади во истата година.

За разлика од Либан, Египет потпиша мировен договор со Израел.

Израел веднаш му понуди хуманитарна помош на Либан во вторникот по големата експлозија во која, според последните информации, загинаа најмалку 135 луѓе, а повеќе од 4.000 беа повредени, а делови од главниот град беа претворени во урнатини.

Покрај хуманитарната помош, израелските болници понудија да ги примат повредените.

Израел неколку пати бил во војна со Либан и двете држави се официјално непријателски расположени.