Компанијата „Букинг холдингс“ (Booking Holdings) која стои зад водечката интернет туристичка агенција „Букинг.ком“ најави отпуштање на 25 отсто од вкупната работна сила поради намалувањето на побарувачката за патувања, како резултат на пандемијата на Ковид-19.
Предложените отпуштања од околу 4.000 вработени ќе започнат во септември по консултација со „синдикатите, претставници на вработените и други релевантни организации“.
„Кризата со Ковид-19 ја уништи туристичката индустрија и ние сè уште го чувствуваме влијанието затоа што обемот на патувања продолжува значително да се намалува“, велат од „Букинг“.
Од таму додаваат дека иако направиле многу за да спасат што е можно повеќе работни места, сепак веруваат дека треба да ја реструктуираат организацијата.
Конгломератот е сопственик и на страниците Kayak, Priceline и OpenTable.
Неодамна сличен потег направија и Airbnb и TripAdvisor.