Кинескиот телекомуникациски гигант „Huawei Technologies“ го надмина „Samsung“ како најголем светски производител на смартфони во второто тримесечје на 2020 година, се вели во извештајот на истражувачката фирма „Canalys“.
„Ова е прв пат по девет години компанија што не е „Apple“ или „Samsung“ да доминира на светскиот пазар“, се вели во извештајот.
Компанијата сè уште се соочува со трговски санкции од Соединетите држави и забележа пад од 27 проценти во странство, во вториот квартал, пренесува „Каналис“. Сепак, нејзината доминација на кинескиот пазар доведе до осум проценти зголемување на домашните пратки.
Благодарение на релативно брзото закрепнување на Кина од пандемијата, „Huawei“ сега продава повеќе од 70 проценти од своите мобилни телефони на домашниот пазар.
Иако фирмата со седиште во Шенжен забележа пад на продажбата од пет проценти од истиот квартал минатата година, нејзиниот јужнокорејски конкурент „Самсунг“ забележа многу драматичен пад на продажбата од 30 проценти, благодарение на прекините во снабдувањето на клучните пазари како САД, Европа и Бразил.
„Huawei“ испорача 55,8 милиони апарати во вториот квартал, додека Самсунг испорачал 53,7 милиони.