Европската комисија (ЕК) соопшти дека постигнала договор со фармацевтските компании „Санофи“ и „Глаксо Смит Клајн“ (ГСК) и обезбедила купување на 300 милиони вакцини против KОВИД-19.
„Предвидено е, откако вакцината ќе се покаже дека е безбедна и ефикасна против КОВИД-19, Комисијата би имала договорна рамка за набавка на 300 милиони дози, во име на сите земји-членки на ЕУ. Комисијата продолжува со интензивни разговори со други производители на вакцини“, се вели во соопштението на ЕК.
Претседателот на ЕК, Урсула фон дер Лејен рече дека институцијата што ја води прави се за да им овозможи на Европејците брз пристап до вакцина што е безбедна и ќе ги заштити од коронавирусот.
Таа објави дека договорот со „Санофи-ГСК“ е само првиот чекор и најави нови договори со неколку други компании.
Европската унија брои околу 445 милиони граѓани, а споменатата спогодба за набавка на 300 милиони вакцини веќе опфаќа значителен дел од населението.
„Иако денес не знаеме која вакцина ќе се покаже како најдобра на крајот, Европа инвестира во најразлични портфолија кои ветуваат вакцина заснована врз различни типови технологии. Ова ги зголемува нашите шанси за брзо добивање ефикасен антивирусен лек. Вакцината би била навистина глобално добро“, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека ЕУ е посветена на обезбедување пристап до поранливите земји, со цел да се најде начин за излез од оваа криза.
Европскиот комесар за здравство и безбедност на храна Стела Киријакидес истакна дека договорот со Санофи и ГСК е првиот важен чекор во обезбедувањето еднаков пристап до вакцината за европските граѓани.
„Безбедна и ефикасна вакцина против КОВИД-19 е најбезбедна стратегија за надминување на кризата. Ова е причината зошто во последниве недели преговараме за унифициран пристап на ЕУ, со цел да обезбедиме дози од ветувачки кандидати за вакцината“, рече Киријакидес.
На иницијатива на ЕК, беа собрани скоро 16 милијарди евра во мај, во глобалната акција за универзален пристап до тестови, третмани и вакцини против коронавирусот.