„Со изградбата на Центарот за обновување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата, кој е од исклучителна важност како за Министерството за внатрешни работи, така и за другите државни институции, сакаме да бидеме подготвени за да обезбедиме функционирање на виталните информациски системи во случај на евентуално онеспособување на примарниот информатички систем поради природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Прилеп, на настанот по повод завршувањето на градежните работи во рамки на проектот ‘Градежни работи за воспоставување на Центар за обновување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата’, финансиран со средства од Програмата за претпристапна помош на Европската Унија (ИПА) за 2013 година.
Министерот Спасовски изрази задоволство од фактот што изградбата на ваков Центар е прв случај во поширокиот регион, каде една државна институција гради модерен објект за свои потреби.
„Изградбата на овој Центар претставува уште еден показател дека Република Северна Македонија е во тек со иновациите во делот на информациско-комуникациските технологии и безбедноста на податоците и подготвени сме на своите граѓани да им гарантираме заштита и зачувување на податоците во секое време“, подвлече министерот за внатрешни работи, додавајќи дека преку изградбата на овој објект и неговото функционирање, очекува земјава да биде пример и за другите земји во однос на грижата кон безбедноста и заштитата на податоците на граѓаните.