Од Асоцијацијата на Архитекти велат дека биле контактирани од Град Скопје уште во декември минатата година, да дадат мислење за организирање конкурс за изградба на објект од 36 илјади метри квадратни, што според нив е преголем објект за тој простор и дека таков објект може да се постави спортскиот комплекс Борис Трајковски.

Нивно мислење е дека овој објект треба да се заштити, односно да се реставрира. Во моментов објектот е во лоша состојба и не работи веќе 5 години. Но од Град Скопје добиле одговор дека немаат средства за нов објект и за реставрација на постојниот, па апелираат да се вклучи со средства и Владата на Република Северна Македонија.

Невладината организација „Сити Скоп“ исто така се јави со реакција и велат дека Универзална сала е дел од симболите на градот и бараат да се повлече оваа идеја.

„Хуманоста и солидарноста со која се изградил овој град се гледа и преку примерот на Универзална сала. Финансиски поддржана од 25 држави, проект и изградба од бугарска фирма. Универзална сала е историјата и идентитетот на градот. Апелираме до сите чинители на јавниот простор и до сите поддржувачи да се приклучат во намерата за зачувување на Универзална сала или најмалку да се приклучат кон бојкотирање на овој конкурс“, истакнаа од Сити Скоп.

Шефот на кабинетот на Шилегов, одговара на овие реакции за Универзална сала велејќи: „Нема да се руши, туку ќе се гради, но прашање е каде“.

Според него, постојната локација е несоодветна, не може да се прошири објектот ниту да се обезбедат паркинг места a пристапот до него е небезбеден за населението во тој дел од градот.

Синоќа, преку објава на социјалните мрежи, тој појасни зошто идејата на градските власти за изградба на Универзална сала на нова локација и претворање на просторот каде се наоѓа старата сала во парк со летна сцена е попаметна од опцијата да се реконструира постојниот објект.

Наумовски посочува дека постојната локација е несоодветна и нема простор за проширување, доградби, паркинзи и пристапи. Тој наведува дека локацијата е несоодветна заради близината на зградите и тесните улички и кон неа нема да можат безопасно да се движат автобуси и камиони со опрема со оглед дека во близина се наоѓаат градинки и школи.