Лидерот на Северна Кореја Ким Џонг Ун прогласи вонредна состојба и карантин во пограничен град, откако едно лице за кое постои сомневање дека е заразен со новиот коронавирус се вратил од Јужна Кореја, по нелегално поминување на границата, јавија државните медиуми во неделата.

Доколку се потврди, тоа ќе биде прв случај официјално признаен од севернокорејските власти, јави Ројтерс.

Ким свика итен состанок на политбирото на владејачката Работничка партија како одговор на, како што рече, „критичната ситуација во која може да се каже дека злобниот вирус влезе во земјата“, јави државната новинска агенција КЦНА.

Државните медиуми објавија дека осомниченото лице се вратило од Јужна Кореја откако нелегално ја поминало границата овој месец. Според државните медиуми, станува збор за личност која пред три години заминала во Јужна Кореја и се вратила преку утврдената граница што ги дели двете Кореи во градот Каесонг со симптоми на ковид-19.

„Вонреден настан се случи во градот Каесонг, каде бегалец кој пред три години заминал на југ, за кој се претпоставува дека е заразен со злобниот вирус се вратил на 19 јули, откако нелегално ја преминал демаркациската линија“, соопшти КЦНА.